
Заемот од 1,63 милиони евра државното акционерско друштво Водостопанство ќе го трансформира во влог, со наменско издавање на четвртата емисија на хартии од вредност. Дозволата да издаде 100 илјади обични акции од вкупно 100 милиони денари, ја доби од Комисијата за хартии од вредност.
„Комисијата за хартии од вредност донесе Решение со кое на Акционерското друштво Водостопанство на Република Северна Македонија, во државна сопственост, Скопје му се дава одобрение за издавање долгорочни хартии од вредност по пат на приватна понуда – четврта емисија на 100.000 обични акции. Продажната цена по акција е еднаква на номиналната, при што вкупната продажна вредност на емисијата изнесува 100.000.000 денари“, се вели во соопштението од КХВ.
Притоа, се посочува дека акциите се наменети за единствениот акционер – Владата, која е и заемодавец на средствата.
„Четвртата емисија на акции… се врши за зголемување на основната главнина на Друштвото со трансформирање на заем во влог преку издавање нови акции. Акциите од четвртата емисија се наменети за Владата, која наедно е и постојан и единствен акционер во Друштвото. Друштвото врши зголемување на основната главнина заради создавање услови за непречено функционирање“, наведуваат од Комисијата.
Со други зборови, Владата практично го конвертира својот заем во сопственички капитал и ја зајакнува финансиската позиција на Водостопанство. Овој модел најчесто се применува кај државните компании кои имаат акумулирани загуби или проблем со ликвидност, со цел да не се влошува нивната финансиска состојба преку дополнителен долг.
Водостопанство, чиишто банкарски сметки во моментот се блокирани, со години наназад има сериозни ликвидносни проблеми. Според достапните податоци од Бизнис Мрежа, од 2020 и заклучно со 2024 година друштвото постојано таложи загуби. Достигнувајќи притоа минус од 2,88 милиони евра (2024), за 56,69 насто поголем од претходниот (2023 – 1,84 милиони евра).
Во државното претпријатие таа 2024 година работеле 507 лица. Бројната состојба опаднала за 2,5 отсто (520 во 2023). Колективот бил најголем во 2021 година – со 610 вработени.
Аналитика








